Берово - ,,Мала Швајцарија"

Легенда за Берово

Каде што денес е градот Берово, во минатото тоа било место каде што се ,,береле" жителите на старите населби Раздоло, Добри Лаки, Клепало, Туртела, Селца, Рибница, па така станало омилено место каде што збирале жителите и местото го нарекле ,,Берово". 

Берово и Малешевијата популарно се нарекуваат ,,Швајцарија на Балканот", пред се поради планинскиот чист воздух и преубавата природа. Берово е меѓу првите неколку подрачја во Европа со најчист воздух, така да поимот ,,загаден воздух", беровчани не знаат што значи. 


Не е точно познато кога населбата го добила своето име, но се верува дека тоа било во среден век. Според некои истражувачи, во античкиот период оваа населба се викала Партикопол. Според нивното мислење, таа населба била слична со денешниот град Берово.
Регионот во кој се наоѓа денешен Берово и поблиската околина во минатото во 5 век п.н.е бил дел од Пајонија. Но со проширувањето на античката македонска држава во времето на владеење на Филип II и Александар III Македонски станал дел од Македонија.
На почетокот, кога се формирал градот Берово, тој бил населен со православен народ. Според стари турски документи, Берово е формиран во втората половина на 16 век или првата половина на 17 век. Пред да се формира Берово, на местото имало неколку населби. Со цел да се соберат сите населби заедно и да најдат по рамно земјиште, ја формирале населбата каде што денес се наоѓа Берово. 


Беровчани во минатото се занимавале со земјоделие. Одгледувале пченица, р'ж, овес и јачмен. Се занимавале и со сточарство. Чувале пчели и добиток. 
Во минатото ткајачкиот занает го опфатил скоро секое семејство во Берово. Скоро повеќето жени се занимавале со изработка на шајак кој бил многу ценет поради одличниот квалитет, но и со ткаење на други платна за задоволување на своите потреби.
Во Берово се родени едни од најпознатите македонски историски личности од тој крај, Димитар Поп-Георгиев Беровски и прочуениот војвода Дедо Иљо Марков Малешевски. 


Музејот на град Берово е првото нешто што ќе го забележите во центарот на градот и место кое мора да го посетите кога сте во Берово. Станува збор за архитектура од 19 век, која е белег на градот и беровчани се сентиментално поврзани за неа. Значајно за градбата е што во неа било отворено првото народно училиште, а бил формиран и првиот НОО за Берово. Историските поставки, кои се сместени во музејот, се состојат од документи и предмети кои што говорат за историјата на Малешевскиот народ од времето на Дедо Иљо Малешевски, Никола Петров Русински, Димитар Поп Георгиев Беровски, Разловечкото востание, развојот на Малешевијата помеѓу двете Светски војни и развојот на Малешевијата по Втората светска војна. Најзначаен експонат во Музејот на град Берово е знамето на Разловечкото востание. Тоа знаме е извезено по идеја на Димитар Поп-Георгиев Беровски, од страна на две учителки од кавадаречко кои во тоа време биле учителки (Недела Петкова и Станислава Караиванова) во Солун во 1876 година. 
На знамето најгоре пишува ,,Станете да ви освобода" кои во превод значат ,,станете да се ослободиме". Знамето е црвено со жолта подлога, на која стои лав. 


Секоја година на празникот ,,Успение на Пресвета Богородица" на плоштадот во Берово се одржува ,,Етно Плоштад Фестивал".
„Повикот на Малешевијата“ е прв фестивал на отворено во Берово кој прв пат се одржува од 2021 година (16.07.-18.07.) и ги зближува малешевската традиција со модерната култура, музика и спорт. 

Во Берово има настан за најцврсто јајце, ,,Качор", кој се одржува за Велигден. Тоа е традиционален настан кој се одржува од многу одамна. На тој настан луѓето се кршат со јајца и го одбираат најцврстото јајце. Општината избира најцврсто и најубаво украсено јајце. 
Споменикот на водачот на Разловечкото и на Кресненското востание, Димитар Поп-Ѓеорѓиев Беровски, се наоѓа на плоштадот во Берово кој го носи неговото име. 
Најкарактеристичен и најголем настан во Берово е ,,Беровска Богородица" на 28 август за празникот ,,Голема Богородица". За тој настан Берово е преполн со луѓе. 
Со цел за подобра промоција и доближување до потрошувачите, кои знаат да ги ценат и почитуваат традиционалните изработки, но и еколошки здравата храна во Општина Берово, во рамките на ЕТНО Плоштад фестивалот, се одржува и саемот ,,Малешевијата на дланка“. Тој се одржува од 2004 година и го посетуваат многу луѓе што не се од градот Берово, па и од соседните земји како Србија и Бугарија. 

Во 1815-1818 година е подигната манастирската црква Св. Архангел Михаил во Берово. Манастирските конаци се подигнати околу 1840 година.
Црквата Рождество на Пресвета Богородица е еден од препознатливите белези на Берово. Таа е изградена во 1912 година, а е осветена во 1922. Во 1930 г. била изградена камбанарија. 

,,Ил’ ми роди, ил’ ќе земам друга!"
Во старо време во Малешевијата моралот кај мажите и жените секогаш бил на високо ниво. Тогаш ретко каде се трпела невеста што нема деца. Ако би се најдел некој неверен маж, тоа би била домашна тајна. На тоа неговата жена себеси само би си рекла: Бог да го суди! 

Беровски дијалект (Малешевско-пирински) 

На Малешевски че си думам,
Ич нема да се срама...
Тврдото ,,Ч" не си го давам, кој шо иска нека вика
Па макар и Конески ми дошел на родителска
Купечки јазик, јас не признавам
Пцувам си фоф секо кафене, ама ич без перде
Пошчувам си секогаш башчинијата и
Милно си ја викам Малешевијата.
Ако некаде на далеко наша дума си слушна
Секогаш сам на штрек, като кукурек
Чини ми се кат срцето да си гледам
Ка се смешка и се усишча кат човек 
Ногу ридишча сам поминал и ногу реки сам препливал
Ама като свое малешевски дијалект, не сам сретнал
И затова секогаш си пошчувам башчинијата и
Милно си ја викам Малешевијата 
Сос човеците си думам, а не ,,зборувам"
На љубовта ,,те сакам", не кажувам
Викам си ја: Искам те и немаш ниедна маана"
И ка си го тека кажа, поверува ми цела маала
И, са? Ка да не си ги пошчувам башчинијата и милно да не си ја викам Малешевијата.


Comments